Улична трка „Делчево трча за здрав живот“ по повод патрониот празник на градот „Св.Кирил и Методиј“, организира здружението на граѓани „ДРАМАС“ во соработка со општина Делчево и здружението на иселениците во Швајцарија „РЕФРАМА“.
Организаторите на уличната трка, на денешната прес-конференција, истакнаа дека уличната трка во Делчево има едниствена цел да се разбуди свеста за значењето на спортот. Трката е најавена за 28 мај во 12 часот, со стартна точка пред ОУ „Ванчо Прке“, а победниците ќе добијат медали.
Според Дејан Златковски, мислата „трчај кога ќе можеш, оди ако треба, лази ако мора, само никогаш не се откажувај“ на ултрамаратонецот Дин Карназес е мотото на традиционалната улична трка во Делчево.
– Јас би додал дека не е важно колку бавно или брзо се движиш, туку колку долго, изјави Златковски.
Истакна дека спортот е единствен лек за модерните болести и тој нема замена.
– Во последниве години сведоци сме дека срцевите заболувања се во пораст, депресијата, исто така, но и деформитетите на рбетниот столб. Тоа посебно се однесува на помалите градови како Делчево и околината кои се слабо економски развиени. Тука е и брзиот начин на живот, трката по профит, недоволно развиената свест за посветување внимание на сопственото здравје. Ние сакаме со оваа улична трка да покажеме дека единсвтен лек е спортот и за него нема замена, рече Златковски.
И годинава, натпреварувачите се поделени во 10 категории и сите имаат различни должини на патеката за трчање од 400 до 5.000 метри.
– Учениците се поделени во одделенија. Патеката за најмладите до 7 години е со должина од 400 метри, додека за возрасните, над 18 години има две категории, женска трка која е 2,5 километри и машка трка која е 5 километри. Сениорската или патеката за пензионерите ќе биде со должина од 1,2 километри, изјави Златковски.
Во трката учество можат да земат сите граѓани, симболично, на возраст од 2 до 102 години и од сите градови во државата.
Професорот по физичко образование во ООУ „Ванчо Прке“, Горан Велков, рече дека училиштето и активот по физичко и здравствено образование и училишниот спортски клуб „Шампион“ ќе дадат масовна поддршка на оваа манифестација.
– Очекуваме да добиеме и награди. Инаку, оваа година планираме да отвориме и атлетски клуб во нашето училиште, бидејќи нашите ученици постигнуваат видни резултати во овој спорт. Поддршката за уличната трка ја имаме и во другите образовни институции во Делчево, изјави Велков.
Учеството во трката е симболично и чини 30 денари.
На првата улична трка организирана пред две години имало околу 400 учесници, а годинава организаторите очекуваат двојно повеќе учесници кои ќе трчаат за здрав живот во Делчево.