Традиционален грчки десерт …
Потребно е:
500 гр тенки кори за пита
1 л млеко
200 гр путер
5 јајца
150 гр шеќер
100 гр пченичен гриз
2 кесички ванилин шеќер
за сирупот:
2 чаши (од 250 мл) вода
2 чаши шеќер
2 портокали
Подготовка:
– Прво направете го шеќерниот сируп. Ставете ги шеќерот и водата во едно тенџере на рингла да се варат. Кога ќе провријат додадете го сокот од 1 портокал и варете додека да добиете густ сируп. Оставете да се излади.
– Сега подгответе го кремот. Во друг сад на рингла ставете ги млекото и шеќерот. Во ова изрендајте ја кората од вториот портокал и оставете да се вари со постојано мешање додека да се растопи шеќерот.
– Изматете ги јајцата и полека додадете малку од млекото со постојано матење.
– Кога млекото ќе почне да врие, смалете ја температурата, сипете го гризот и варете неколку минути со постојано мешање додека малку да се згусне. Сега сипете ја смесата со изматените јајца исто со постојано мешање.
– Варете додека да добиете густ крем. На крај додадете половина од путерот, измешајте за да се растопи путерот и додадете го ванилиниот шеќер. Измешајте убаво. Оставете кратко да се излади.
– Растопете го преостанатиот путер.
– Поделете ги корите на два еднакви делови.
– Премачкајте ја со путер правоаголната тава во која ќе го печете колачот. Ставете една кора, премачкајте ја со растопениот путер, потоа ставете втора кора и повторно премачкајте ја со путер. На овој начин наредете ги сите кори од првиот дел. По желба може да ги посипете со шеќер во прав.
– Сега на последната кора рамномерно распоредете го целиот крем.
– Повторно на истиот начин ставете ги и останатите кори од вториот дел.
– Со остар нож внимателно засечете го колачот но не до крај.
– Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 целзиусови степени 20-30 минути, додека да добие златно-румена боја.
– Готовиот колач извадете го од рерна и исечете ги до крај засечените парчиња. Полијте го со изладениот сируп и оставете убаво да се излади и да го впие сирупот, најдобро во фрижидер.