Во Основниот Суд Куманово денеска е одложено рочиштето против обвинетиот 30-годишен кумановец Бобан Илиќ кој е осомничен за убиство на четиригодишниот Алмир Алиу, поради боледување на вештаците од Клиниката за невропсихијатрија и неможност да присуствуваат на рочиштето, соопштија од кумановскиот Суд.
На минатото рочиште, исказ даде едниот од двајцата вешти лица, невропсихијатар, од Клиниката за невропсихијатрија, кој рече дека обвинетиот немал психопатолошки мотив, не се наоѓал во состојба на патолошки страв, не бил во привремено душевно растројство, но во секој случај како што нагласи, бил уплашен, бидејќи сметал дека му е загрозен физичкиот интегритет. Тоа додаде влијаело ограничувачки во неговото расудување, кое сепак било рационално.
На ова реагираа адвокатите на фамилијата Алиу и на мајката на Алмир кои побара од Основното јавно обвнителството како дополнение на доказот да се елиминираат, според нив, недостатоците на вештачењето. Адвокатот на првообвинетиот се согласи со исказот на вештото лице.
Обвинетиот Илиќ на првото рочиште рече дека не се чуствува виновен. Тогаш сведочеше мајката на детето, но и братот на обвинетиот и неговата девојка. На првото рочиште беше разгледана и видео снимка од камерата на една од куќите, лоцирана во близина на Здравствениот дом.
Осомничениот се товари дека на 25 јуни го прегазил четиригодишниот Алмир во близина на Здравствениот дом во Куманово по инцидентот што се случи на улицата „Борис Кидрич“. За овој настан против три други лица е поднесено обвинение за сторено кривично дело „насилство“. Станува збор за таткото на детето Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу.