Екипата на Куманово вечерва претрпе убедлив пораз на првиот финален натпревар од БИБЛ лигата од екипата на Берое, која беше домаќин на овој дуел.
Тимот на Берое оствари триумф со убедливи 29 поени разлика, 84:55 (20:12; 26:13; 16:15 и 22:15).
Комплетната стартна петорка на екипата на Берое имаше двоцифрен број поени, а најефикасен со 25 беше Шејн Гибсон. Во редовите на Куманово најпрецизен со 14 поени беше Димитар Караџовски.
– Имавме проблем во организацијата на нападот во текот на целиот натпревар, а немавме ниту реализација на шутот за „тројка“ на потребното ниво. Притоа Берое ги казни сите наши грешки, изјави по дуелот тренерот на Куманово Марјан Србиновски.
Реванш финалниот натпревар се игра во вторник на 18 април во Куманово со почеток во 19 часот.