Премиерите на Србија и Бугарија Ивица Дачиќ и Бојко Борисов ќе потпишат утре во Брисел договор за изградба на гасовод што ги поврзува двете земји, јави Танјуг, повикувајќи се на соопштение на Европската комисија.
Документот ќе биде потпишан во присуство на еврокомесарот за енергетика Гинтер Јотингер, соопшти неговата портпаролка Катерина Рибарова.
Изградбата на гасоводот ќе биде финансирана од ЕУ. Гасоводот ќе биде со вкупна должина од 180 километри и капацитет од 1,8 милијарди кубни метри гас годишно.
Проектот во вредност од 120 милиони евра има за цел да спречи ситуации како таа во 2009 година, кога снабдувањето на двете земји со гас беше прекинато поради тешките зимски услови.