Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од генералниот секретар, Оливер Спасовски денеска се сретна со шефот на НАТО канцеларијата во Македонија, Горазд Бартол.
Тема на разговорот беше процесот на формирање на новата Влада во Р.Македонија и потребните реформски процеси за да се отворат перспективите кон ЕУ и НАТО.
-Приоритет на новата реформска Влада ќе биде членството во НАТО, соопшти претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој објасни дека фокусот кон евро-атлатските перспективи ќе обезбеди стабилизирање на Македонија, работа за домашните фирми и реални странски инвестиции, со што ќе се кренат животниот стандард, платите на граѓаните и ќе се отворат нови работни места.
– Програма на новата реформска Влада, на унитарна Македонија е посветена на економски напредок на граѓаните, во Македонија, едно општество за сите граѓани, рече претседателот Заев.
Заеднички оценето дека е од голема важност демократскиот развој на Република Македонија и е изразено очекување дека Македонија ќе се развива по тој пат.
-Имаме парламентарно мнозинство од 67 пратеници, кое што има, не само право, туку и обврска да избере претседател на Собранието и да овозможи да се формира новата Влада, согласно мнозинската волја на околу 700.000 граѓани. Затоа очекуваме во брзо време да биде избран новиот собраниски претседател, кој ќе го извести претседателот Иванов дека е должен да го даде мандатот, а потоа ќе се пристапи и кон формирањето нова Влада, најави претседателот на СДСМ.
Честитајки го 4 април, денот на НАТО, претседателот на СДСМ додаде дека новата Влада ќе биде силно посветена на реформите, како од НАТО агендата, за поголем буџет на одбраната, така и кон обезбедувањето правна држава, независно судство и развој на Македонија во фактор на стабилност во регионот.