Саеми на книга, образование и на туризам од идната седмица

Од:

Над 80.000 книги на повеќе од 80 издавачи ќе бидат на продажба на 29. Меѓународен саем на книгата кој на простор од 4.000 квадратни метри во првата саемска хала ќе се одржува од 4-ти до 10 април.

Скопски саем го организира саемот на книга во соработка со Македонската асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите на Македонија (ЗИКМ) и Здружението на албанските издавачи од Македонија. Покрај најголемите домашни издавачи, присутни на саемот на книгата ќе бидат и издавачи од Србија, Црна Гора и од Албанија, а Шведска ќе биде претставена преку својата Амбасада со штанд за промоција на литературата за деца.

Сања Кондарко од Скопски саем денеска рече дека саемот на книгата е најголемата културна манифестација во Македонија и меѓу најпосетуваните саемски манифестации.

– Тој е концентрација на домашни и на странски издавачи од регионот и нуди избор за сечиј вкус и за сечиј џеб – современа и класична литература, белетристика, научни изданија, учебници и енциклопедии, училишни помагала – понуда за секого и за сечија возраст. Издавачите најавуваат пристапни цени и попусти до 70 проценти. Покрај штандовското претставување на издавачите, ќе има и богата програма на промоции на нови дела и автори. Најавени се шеесетина промоции во седумте саемски дена, а ќе има и трибини и дебати, рече Кондарко.

Меѓу промотивните настани ќе биде и претставувањето на проекти од областа на европските интеграции во соработка со Министерството за култура, на 6 април, и презентација на поетската платформа Версополис во соработка со Струшките вечери на поезијата.

Новина годинава е што изложбено-продажниот дел на саемот е проширен и во втората хала ќе биде претставена литературата за деца и млади и ќе има детско едукативно катче (игротека).

Саемот на книга официјално ќе биде отворен на 3 април во 19 часот, а од следниот ден до 10 април ќе биде отворен за посетители од 10 до 20 часот.

Од 6-ти до 8 април во втората сала ќе се одржува Саемот на образование и кариера, а во третата хала – Меѓународниот саем на туризам „Скопје травел маркет 2017“.

На 20. Денови на образование и кариера како и во минатите години ќе учествуваат високообразовни установи, домашни и странски факултети, кои ќе ги претстават програмите за студии, информации за стручно усовршување, преквалификации, можностите за вработување и развој на кариерата итн. Од странските учесници ќе се претстават два универзитета од Словенија – од Марибор и од Нова Горица.

На саемот за туризам во третата саемска сала ќе учествуваат туристички агенции и тур-оператори, хотели од Македонија, општините, компании за производство на хотелска опрема… а посетителите ќе може да се информираат за понуди и можности за патувања.

Магдалена Хамбова од Скопски саем истакна дека саемот за туризам е меѓународен и се одржува седма година. Отворањето ќе биде на 6 април во 11 часот. И оваа година покровител е Агенцијата за промоција и поддршка на турзимот на Република Македонија, а партнер Стопанската комора за туризам.

– Традиционално, и оваа година Република Турција учествува со свој штанд, а штандови ќе имаат повеќе хотели од Македонија и од околината. Од странски изложувачи ќе бидат општините Тиват, Бујановац и Врање, рече Хамбова.

Влезниците за сите три саемски манифестации се по цена од 30 денари, односно 20 денари за организирани и групни посети. Работното време е од 10 до 20 часот.

Би можело да ве интересира

Новата книга од Зоран Спасов Sоф – „И јас сум Сирма“ ќе биде промовирана во МКЦ

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

„Цепај сине“, купи книга и биди хуман: Ѕоф и „Арс Ламина“ во нова хуманитарна акција

Онлајн-промоција на „Почитувани бубачки и други морничави приказни“од Маша Колановиќ

Кристина Краличин добитник на првата награда на конкурсот „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia”

Објавена книгата за деца и млади „Диносаурус“ од Аевар Тор Бенедиктсон