Јужнокорејската полиција денеска ја уапси поранешната претседателка на Јужна Кореја, Парк Геун-хје, која беше разрешена од должноста поради голем корупциски скандал, јави агенцијата Јонхап.
Апсењето на Парк уследи откако Суд во Сеул претпладнево издаде налог за приведување на поранешната претседателка под обвинение за примање поткуп, злоупотреба на власта, вршење незаконски притисок и предавање на државни тајни.
Согласно јужнокорејското законодавство, поранешен претседател на државата може да биде задржан во притвор најмногу во траење до 20 дена.
Парк официјално беше разрешена од должноста откако на 10 март Уставниот суд на Јужна Кореја ја потврди одлуката за нејзина смена, што Парламентот ја донесе во декември минатата година.