Веќе трет ден како трае конститутивната седница во Собранието на РМ каде се разговара за се само не за двете точки кои се на дневен ред кои ќе овозможат мирен трансфер на власта, а тоа се избор на нов претседател на Собранието и избор на претседател и членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Голем дел од пратениците го обвинуваат претседавачот на седницата, Трајко Вељаноски, дека заедно со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го прекршуваат Деловникот за работа на Собранието и дека тоа е договорена тактика помеѓу нив за одолговлекување на процесите за формирање на нова влада.
-Трет ден гледам како најгрубо се крши Деловникот, трет ден ве слушам како дискутирате и сами со себе си реплицирате. Овде создаваме парламентарна пракса, а вие како самопрогласен претседавач го кршите Деловникот по член 89, 90, 92, рече Максим Димитриевски од пратеничката група на СДСМ.
Тој му порача на Вељаноски да покаже барем малку доблест кон граѓаните и да го испочитува Деловникот за работа на Собранието како законодавниот дом би продолжил со работа во нормален тек за што поскоро да се избере нов Претседател на Собранието како и Комисијата за прашања на избори и именувања.
Претседавачот со конститутивната седница и вчера се соочуваше со вакви критики од страна на пратениците. Пратеникот Горан Мисовски од НСДП го обвини Вељаноски дека го крши Деловникот за да го заштити злосторничкото здружение врз кое е покренато обвинение од страна на државна институција.
– Ти Трајко за беспари се понижуваш да штитиш злосторничко здружение врз кое е покренато обвинение од страна на државна институција, немаш повеќе мнозинство во ова Собрание и најдобро е да си станеш од фотелјата некој друг да дојде на твое место, рече Мисовски на вчерашната седница.
Трајко Вељаноски повикувајќи се на своето десетгодишно искуство кажа дека Деловникот за работа на Собранието не е прекршен и дека и досега имало случаи кога пратеници од иста пратеничка група си реплицирале сами на себе. Тој повика пратениците да престанат со неоснованите обвиненија кон него.
Всушност, спикерот Вељаноски нема право да претседава со конститутивната седница. По изборите, до избор на новиот Претседател на Собранието со конститутивната седница треба да претседава најстариот пратеник во Парламентот, а тоа е Бранко Манојловски од ДУИ.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, од собраниската говорница им понуди на пратениците од СДСМ дека доколку денеска се најде гаранција за распуштање на Собранието, веднаш ќе биде избран нов претседател на истото кој ќе има единствена улога да распише предвремени парламентарни и локални избори.
Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов вчера во изјава за медиумите кажа дека неговата партија ќе го поддржи предлогот на ДУИ, Талат Џафери да биде нов Претседател на Собранието.
Виктор Јованов