Рајан Гослинг дури сега откри што му било толку смешно на сцената додека траеше скандалот на доделувањето на „Оскарите“, кое се случи пред скоро еден месец.
Фотографиите од смешкањето на Рајан Гослинг го обиколија светот, но остана енигма што го предизвикало сето тоа. Во интервју за „Адоб Самит“, тој ја разоткрива и оваа „мистерија“.
– Се што се случуваше пред моите очи беше толку нереално, гледав панични луѓе, доаѓаа типови со слушалки на глава. Изгледаше како некој да е повреден… Најлошите сценарија ми се вртеа во главата. И, тогаш чув „О, ’Месечина’ ја освои наградата“, и тоа ми претставуваше такво олеснување, па само од себе ми дојде да се смеам, раскажува Рајан.
– Драго ми е што „Месечина“ го доби „Оскарот“. Го знам режисерот, сум работел со него… Тоа е прилично револуционерен филм, направен за милион долари. Неверојатно постигнување и среќен сум што доби такво признание, додаде тој.