Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) денеска на прес-конференција информира за дописот од Агенцијата за филм на Македонија и за, како што велат, намерата на одредени луѓе за преземање на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ – Битола.
ДФРМ информира дека на Конкурсот за финасирање проекти за организирање на домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер во 2017 за проектот ИФФК „Браќа Манаки“ во дадениот рок до Агенцијата за филм доставени се две пријави од два подносители, од ДФРМ и од Здружението за филмска уметност „Центар за филм“ – Битола.
Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија Роберт Насков истакна дека фестивалот се финансира од буџетот на Република Македонија, со јавни пари и додаде оти граѓаните треба да знаат што се случува.
– Овој допис членовите на ДФРМ и филмските професионалци го сфаќаат како напад на фестивалот, напад на ДФРМ, како напад врз македонската филмска историја и традиција. Ние, оваа генерација на филмаџии фестивалот си го чувствуваме како аманет оставен од нашите постари колеги, рече Насков.
Тој упати порака до членовите на Здружението за филмска уметност „Центар за филм“ – Битола дека оваа генерација филмаџии нема да дозволи фестивалот да биде преземен од кој било, нема да дозволат да му се наштети на фестивалот и на филмската традиција која, како што рече, ја негуваме веќе 37 години.
Поддршка дадоа и актуелниот и поранешните директори на фестивалот Благоја Куновски – Доре, Томи Салковски, Лабина Митевска и Горјан Тозија.
Салковски нагласи дека им бараат документи за, како што рече, да се докажуваaт со некаква организација. Појасни дека организатор на фестивалот „Браќа Манаки“ е ДФРМ, кое, како што рече, е правно лице кое го организира фестивалот.
– „Браќа Манаки“ не е правно лице, туку манифестација организирана од ДФРМ. Тоа стои во Статутот на ДФРМ и во сите акти што постојат, рече Салковски. Потсети дека претседателот на Република Македонија е покровител на фестивалот, финансиран од Министерството за култура, а од пред некоја година од Агенцијата за филм.