Македонија го одбележува Светскиот ден на водите

Од:

Со повеќе активности денеска во Македонија ќе биде одбележан Светскиот ден на водите, 22 Март.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) организира конференција на тема „Водата и отпадните води“, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предвидува атрактивно нуркање во водите на езерото Матка од страна на членови на Нуркачкото друштво „Врело“ и хидрометриски мерења на реката Треска, додека Институтот за јавно здравје на РМ најавува Саем на вода пред Домот на АРМ.

На конференцијата „Водата и отпадните води“ ќе се обратат министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, раководителот на Одделот за оперативни работи во Делегацијата на ЕУ Мауро Ди Вероли и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на РМ Димитар Петров.

Главна цел на настанот е зголемување на свеста за важноста на одржливиот начин на искористување на водата како скапоцен ресурс, намалување на употребата и повторна употреба на отпадните води, како и подобрување на животниот циклус на водата за секое живо суштество.

Конференцијата е дел од реформите во секторот за вода што ќе се спроведуваат следните години, а агендата предвидува панел-дискусија и мотивациски говори на тема „H2O Зошто се грижиме” од страна на Даниел Кајмаковски и Агнеса Чаволи.

Хидрометриските мерења на Треска што ги организира УХМР по повод Светскиот ден на водите, 22 Март, но и по повод Светскиот метеоролошки ден, 23 Март, ќе се извршат на хидролошката станица Св. Богородица. Првпат ќе се примени најсовремениот инструмент, т.н. Акустичен доплеров мерач на проток дониран од УНДП, но ќе се изведе и класично мерење со прегазување на реката. Атрактивното нуркање, пак, ќе биде кај црквата Св. Андреа. Нуркачите од друштвото „Врело“ ќе извлекуваат потоната платформа.

Во рамки на Саемот на вода во центарот на Скопје, граѓаните ќе добијат промотивен материјал со информации за значењето и влијанието на безбедната вода за пиење врз здравјето на населението и превенција од болести. Според Институтот за јавно здравје, достапни ќе бидат и одговорите од анкетата на www.iph.mk за тоа колку и од каде најчесто се информираме за поврзаноста на водата со здравјето.

Мото на годинашниот Светски ден на водите се отпадните води, а целта е генерално да се влијае на свеста да не се загадуваат површинските и подземните води со разни фекалии преку индустрискиот процес, да се пречистуваат ако се веќе загадени со што се спречува можноста за евентуално наводнување на земјоделските култури, да се спречи дистрибуција на загадени води до сите корисници и заради штедење на водата и зачувување на водените ресурси.

Би можело да ве интересира

Важно откритие на научниците: Пронајден доказ за постоење на вода на Марс, сместена длабоко во кората

Повлечена вода од хрватскиот пазар испорачана во соседството

Загубите на вода во државава 62-63 отсто, меѓу највисоките во регионот

Едукативна кампања на Центарот за одржлив развој „Алка“ за зачувување на животната средина

A1on

Водовод го избриша известувањето дека нема да има вода во Скопје-било лага на неовластени лица

А1он

Подгответе се навреме: Утре речиси цело Скопје без вода или со слаб притисок

А1он