„Либералната партија на Македонија оценува дека повикот на Груевски „народот“ да ја брани државата со излегување на улиците е неодговорна и опасна манипулација токму со народот. Народот може да биде сигурен дека државата ќе опстане и ќе се развива само ако институциите добро и одговорно работат. Затоа сметаме дека повикот до народот е контрапродуктивен, против вистинските интереси на тој народ, а е одраз на фактот што ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија нема вистинска концепција како да се води и развива државата и што да му понуди на народот.
Посетата на Хан овој пат треба да се искористи со појасни и конкретни оценки и предлози од страна на партиите што ќе се среќаваат со него. Според Либералната партија, тие предлози треба да содржат конкретни решенија, на пр. како да се спроведе Извештајот на Прибе и како институциите да се вратат и да дејствуват во рамките на Уставот и законите, а во интерес на сите граѓани на земјата.
Хан треба да биде информиран за тоа дека Македонија од изборите на 11 декември до денес западна во нова, поопасна и потешка криза од онаа дотогаш. Сега се соочуваме со парализата на државните институции во многу поголема мерка од предизборите. Во земјата не работи Собранието, нема нова Влада, а Иванов работи само колку да ги заплетка работите.
Тој период на држење на институциите вон функција отвора можност за авантуризми кои можат да го доведат во прашање опстанокот на државата, а на јавноста да и бидат прикажувани како акција на „народот“ за да ја „спаси“ државата.
На евро-комесарот треба да му се каже дека и покрај неспорната заинтересираност на ЕУ да помогне, без забрзување на процесот на вклучување на Македонија во Унијата, тоа нема да успее. Во користењето „стап и морков“, ЕУ користи само „стап“, но нема „морков“. Затоа, Либералната партија бара од партиите што ќе се сретнат со Хан да инсистираат надлежните институции во ЕУ што побрзо да донесат одлука за почеток на преговори за полноправно членство на Македонија во ЕУ.
Одлуката за почеток на преговорите и отворањето на некои од клучните поглавја како што се поглавјата 23 и 24, побрзо и поуспешно ќе ги смири сегашните анархистички тенденции и ќе го отвори патот за функционирање на државните институции врз основа и во рамките на Уставот и законите и нашата евро-атланска агенда.
Брзото решавање на политичката криза во Македонија, ќе го ослободи целиот регион од сегашниот опасен тек на настаните и од реалните грижи и стравувања, кои инаку се се појасно изразени во земјите од регионот“, се вели во соопштението на Либералната партија.