Адвокатите го оценија како нетранспарентен, пристрасен, непрофесионален и необјективен Судскиот совет во Република Македонија, стои во најновото истражување на Институтот за човекови права.
На прашањето дали Судскиот совет ефикасно ја извршува својата работа, 85% од адвокатите рекле „не“, 8% не одговориле конкретно, а само 7% рекле дека „да“.
Дури 90% од стручната јавност смета дека работата на Судскиот совет не е транспарентна и отворена, а малку повеќе, односно 95% од нив се изјасниле дека тој не гарантира ниту самостојност и независност од судската власт.
84% од анкетираните адвокати одговориле дека членовите на Судскиот совет не гарантираат непристрасност и професионалност на избраните членови, а 92% од нив сметаат дека изборот на судии од страна на советот не е целосно објективен и дека врз негова основа не се избираат квалитетни судии.
Судијката во Уставниот суд во Босна и Херцеговина, Маргарита Цаца Николовска, која е дел од Институтот за човекови права истакна дека подолго време вршеле мониторинг на работата на Сускиот совет, а сега и со Советот за утврдување на факти и покренување постапка за утврдување на одговорност на судија.
– Она што е важно за овој проект е она што јавниот надзор врз работата на овие тела е во прв план и искажувањата или резултатите кои досега сме ги детектирале не укажуваат дека граѓаните имаат сознание за овие тела и што овие тела работат. Дури во неколку прилики имавме искажувања дека не знаат кој и на кој начин ги бира судиите, рече Цаца Николовска.
Таа истакна дека се фокусирале на транспарентноста, отчетноста и ефикасноста во работењето на овие два органа кои се инволвирани во утврдување на одговорност на судиите.
На прашањето дали се запознаени со работата на Судскиот совет, 36,70% од граѓаните рекле „не“, 33,30% од граѓаните одговориле со „да“, а 29,80% одговориле „делумно“.
Дури 71,10% од граѓаните рекле дека не се запознаени со работата на Советот за утврдување на факти и покренување постапка за утврдување на одговорност на судија. 21,70% рекле дека се делумно запознаени, а само 7,20% рекле дека се запознаени со работата на овој совет.
На прашањето дали некогаш поднеле преставка до Судскиот совет или до Советот за утврдување на факти, 96,40% од граѓаните рекле дека не поднеле. Сите 3,60% од граѓаните кои рекле дека поднеле преставка одговориле дека воопшто не биле задоволни од работата на Судскиот совет и Советот за факти.
Александар Тодески