Македонските компании мора да ги имплементираат комјутерските системи доколку сакаат да бидат конкурентни на пазарот и да ја зголемат ефективноста и ефикасноста во работењето, порачуваат од ИКТ комората при Сојузот на стопански комори на Македонија.
Оттаму истакнуваат дека компаниите коишто нема да го следат технолошкиот напредок, ризикуваат да останат надвор од пазарот.
– Како држава заостануваме во имплементацијата на ИКТ технологиите во стопанството. Затоа сакаме да ги поттикнеме компаниите похрабро да влезат во инвестиции во информатичкиот дел, рече претседателот на ИКТ комората Саша Огненовски на денешната прес-конференција.
Од друга страна, како што посочи Огненовски, македонските компании се соочуваат со недостиг на веќе обучен ИКТ кадар.
– За жал, се соочуваме со ситуација искусните кадри во ИКТ секторот да бидат веќе ангажирани така што има недостиг од стручен кадар. Се уште има продукција на ИКТ кадар во високото образование којшто би требало да ја задоволи потребата на компаниите, но тоа е кадар којшто нема доволно искуство и треба дополнително да се дообучи во компаниите, рече Огненовски.
Она што останува предизвик на македонските компании во иднина е да работат на привлекување и задржување на младите ИКТ кадри во домашните фирми, наместо тие да бидат ангажирани во странски компании.