Во Јужна Кореја на 9 мај ќе се одржат претседателски избори, откако досегашната претседателка Парк Геун-хе беше разрешена минатиот петок поради корупциски скандал, јави Јонхап.
Премиерот Хванг Кјо-ан, кој стана в.д. претседател во декември, кога Парламентот времено ја отстрани од должноста Парк Геун-хе, изјави дека нема да се кандидира на изборите.
Парламентот во декември гласаше за импичмент на Парк, откако повеќе недели милиони Јужнокорејци излегоа на протести со барање за нејзина оставка поради вмешаност во корупциски скандал.
Уставниот суд во петокот донесе конечна одлука за нејзино отстранување од функцијата, потврдувајќи ја со тоа одлуката на Парламентот.