Вања Лазарова замина во легендите, докажувајќи со своите песни дека македонскиот музички јазик, а пред сѐ македонската фолклорна традиција се вистински амблем на македонската култура и национален идентитет, мисија којашто може да се оствари – единствено со поимање на нивната суштина, но и личната и национална посветеност. Нејзините песни и глас, остануваат да живеат.
Ова беше истакнато на комеморативната седница во чест и спомен на доајенот на македонската народна песна Вања Лазарова, која се одржа денеска во студиото М1 на Македонското радио.
На комеморативната седница присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.
Претседателот на Националниот совет за родова рамноправност при Сојузот на организациите на жени на Република Македонија, Савка Тодоровска во обраќањето пред присутните рече дека Вања се грижела за сето она што ние требаше да го дадеме.
– Даваше нејзина визија, учествуваше во сите изложби, во сите хуманитарни активности. Таа едноставно беше заедно со нас кај лицата со оштетен вид, кај лицата со оштетен слух, кај старите, кај децата во Домот „11 Октомври“. Беше покрај семејството…Таа остана до последниот ден тоа што всушност секој човек би требало да биде, додаде Тодоровска.
Виолета Томовска, долгогодишен естраден уметник, во обраќањето рече дека Вања Лазарова зад себе остави еден нов звук.
– Прекрасно е кога ја запознаваш душата на некој човек, по тоа ја почитуваш и неговата интерпретација. Горда бев што ме покани на нејзините јубилејни концерти. Таа секогаш во мојата душа ќе остане една прекрасна боја на изворната песна што верувам дека многу потешко некој од младите ќе може да ја повтори. Би сакала идните генерации што повеќе да ја слушаат оваа изворна песна и барем по нешто да внесат во некоја песна, да остават исто толку голем траг како што оставила Вања и многу наши други доајени, додаде Томовска.
Вања Лазарова за својот ангажман во областа на македонската традиционална музичка култура доби голем број награди и признанија, меѓу кои: наградата „13-ти Ноември“ за 2003 година од областа на културата и уметноста, наградата „Златен Дедал“ за животно остварување во областа на вокалната интерпретација од ЕСРА – Универзитет за аудио и визуелни уметности Скопје во 2009 година, „Статуетка Мајка Тереза“ – за остварувања во областа на културата од граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза “ во 2007 година, како и награда за животно дело од манифестацијата „Златна Бубамара“ во 2009 година.
Во 2014 година Министерството за култура на Република Македонија и ја додели наградата „11 Октомври“ од областа на културата што истовремено значеше и статус на Национален уметник од највисок ранг. Во 2016 година Македонската радио телевизија, во рамки на Фестивалот „Цветници“, на Вања Лазарова и ја додели наградата за животно дело и придонес во афирмацијата на македонските музички вредности.
Вања Лазарова почина на 12 март на 86-годишна возраст, во Скопје. „Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, „Со маки сум се родила“, се само некои од многуте македонски изворни народни песни што ги испеа Лазарова. Најголемиот дел се снимени во продукција на МРТ.
Посмртните останки на Вања Лазарова денеска ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта – Бутел во Скопје од 13 до 14 часот.
Беше родена на 27 април 1930 во село Страцин, Кратовско. Извесно време работела во Операта при МНТ, а била членка и на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“.
Настапувала на голем број концерти на повеќе континенти, а пеела и во Алберт Хол во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Има голем придонес и во соработката со групата „Анастасија“ за музиката во филмот „Пред дождот“ кој во 1994 година освои „Златен лав“ во Венеција.
Впечатливиот глас на Вања Лазарова ќе остане дел од македонското музичко наследство.