Чешкиот претседател Вацлав Клаус смета дека неучеството на висок чешки претставник на церемонијата на доделувањето на Нобеловата награда за мир на ЕУ не е значајно и не вреди за тоа да се разговара, јави дописникот на МИА од Прага.
– Ако тоа не го „раширија“ медиумите, во Осло тоа никој немаше да го забележи. Не сметам дека тоа е важна работа за која треба да се разговара, рече Клаус.
На денешната свеченост по повод преземањето на Нобеловата награда од претставници на Европската унија не присуствува претставник на Чешка.
Премиерот Петр Нечас своето отсуство го оправда со преоптовареност со обврски, а чешкиот претседател познат по своите евроскептички ставови доделувањето на Нобеловата награда за мир на ЕУ ја означи за „трагична грешка“. За него оваа награда има смисла ако му се додели на одреден човек, а не на бирократска институција.