Платформата за родова еднаквост во која членуваат 22 организации, организираше Осмомартовски марш со цел да се означи денешниот празник и неговата цел.
Со транспаренти „Прво па женско“, „Умрела во 21 век на породување“ „Опресија на мажите=ТРАГЕДИЈА, Опресија на жените=ТРАДИЦИЈА“ „Жена парк без жени?“ жени и мажи маршираа од споменикот Филип Втори до „Жена парк“ извикувајќи „Нејќам тава, сакам права“ и „Нејќам цвеќе, сакам плата“. На маршот присуствуваше и британскиот амбасадор Чарлс Герет.
Според нив ова не е ден на „понежниот пол“ и не е ден на цвеќиња и парфеми додека жената како што велат тие се чува затворена во некоја визба со лоши работнички права, со лоши социо-економски услови и воопшто со лоша политичка застапеност.
– Ние сме многу далеку од рамноправна позиција во ова општество, тоа е покажано во сите меѓународни извештаи и во извештаите на граѓанските здруженија. Жената не е еднаква на работното место, жената не е еднаква во домот, жената нема еднаков пристап до здравствена заштита, нема еднаков пристап до образование како останатите членови на ова општество. Затоа денес ние сме собрани да го означиме овој ден, но и да започнеме многу по активна борба за нашите права, вели Биљана Гинова.
Снешка Илиќ, преставник од платформата за родова еднаквост појасни дека Осмомартовскиот марш се организира со цел да се покаже загриженоста за женски права во државата, зголемената економска неактивност на жените, родовиот јаз во платите, највисока доеничка смрт во Европа како и недостатокот на минимални сервиси за родово базирано насилство.
– Тука сме и сакаме да дадеме до знаење на политичарките, политичарите и идните влади дека без родова еднаквост и без женски права нашето општество никогаш нема да биде еднакво и демократско. Остануваме тука ќе бидеме гласни и нема да дозволиме во 21 век жените во Македонија да бидат угнетувани, маргинализирани и дискриминирани, вели Илиќ.
Пред почетокот на маршот беше прочитан и т.н. проглас на жените во кој се бара промена на сите родови нееднаквости во нашето општество и во кој се вели дека жените ќе бидат гласни и исправени се додека не бидат остварени нивните права.
Виктор Јованов