Децата од СОС Детско село Македонија, со жените вработени во Пивара Скопје на уникатен начин го одбележаа 8 март-Меѓународниот ден посветен на моќта и рамноправноста на жената во современото општество. Преку вчерашното двочасовно дружење со децата во креативниот центар на СОС Детското село, волонтерките од Пивара Скопје помогнаа во изработка на осмомартовски честитки за сите СОС мајки, а децата се заблагодарија со рачно изработена слика за тимот на Пивара.
Секоја година по повод 8 Март децата од СОС Детското село се подготвуваат на што покреативен начин да се подготват за празникот на жената и да им се заблагодарат на своите згрижувачи-мајки кои се грижат за нив и несебично се вложуваат и се трудат да им овозможат топол дом, љубов и среќно детство.
– Велат дека за среќа понекогаш е доволно и само малку внимание. Она што жените вработени од Пивара Скопје го направија денеска за децата од СОС Детско село, внесе голема радост и топлина кај сите, бидејќи ова дружење и размената на креативни идеи им помогна на децата да подготват прекрасно изненадување за своите СОС мајки и успешно да ја завршат оваа нивна осмомартовска активност, изјави Јулијана Гапо, национален директор на СОС Детско село Македонија, заблагодарувајќи им се на волонтерките од Пивара Скопје за нивната желба на ваков начин да го одбележат 8 Март, а на компанијата за континуираната поддршка и партнерство.
Токму во знак на благодарност за континуираната и долгогодишна поддршка што компанијата ја обезбедува на СОС Детско село Македонија, Пивара Скопје минатата година ја доби јубилејната плакета на организацијата што беше доделена по повод 15 годишното успешно рабо-тење на СОС Детско село Македонија.
– Сите ние во Пивара Скопје сме исклучително горди на нашата компаниска култура и вредности кои меѓу другото се темелат на солидарност и поддршка на оние на кои таа им е неопходна. Доказ за тоа се големиот број разновидни активности и општествено одговорни проекти наменети за поддршка на заедницата. Истовремено, преку оваа волонтерска акција на жените вработени во Пивара Скопје тие уште еднаш покажаа дека солидарноста е дел и од нивниот личен кодекс на вредности, што несомнено е одлика на луѓе со интегритет и силна желба да помогнат онаму каде што е потребно, изјави Ламбро Патче, менаџер за комуникации и јавни ра-боти во Пивара Скопје.
СОС Детско село е меѓународна организација посветена на заштита и примена на детските права, со посебен фокус на поддршка на децата без родители и родителска грижа и деца кои растат во семејства со социјални ризици. Организацијата во Македонија е основана во 2002 година, а во нејзините рамките функционираат: СОС Детско Село, СОС Младинска заедница и СОС програма за полунезависно живеење.