Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ одржа тркалезна маса во Крива Паланка на тема „Еднакво учество на лицата со попреченост во изборниот и политичкито процес во Македонија“. Презентитрани беа резултатите од анализата за учество на лицата со попреченост, спроведена во Парламентарните избори 2016.
– Дискутиравме за утврдените недостатоци и потешкотии со кои се соочија лицата со попреченост за време на изборниот процес. Кабината е непристапна, односно е со мала заштита на тајната на гласање и многу лица со попреченост одлучиле да не гласаат за да не се наруши нивната тајност. Лицата со попреченост пак реагираат дека програмите на партиите воопшто не се достапни за лицата со оштетен вид и за лицата со интелектуална попреченост. Нашата препорака е да бидат достапни во аудиоверзија и на лесно разбирлив начин, истакна Благица Димитровска од „Инклузива“.
Истражувањето покажало дека гласачката кутија не е на соодветна висина за да може лицето само да го остави своето ливче.
На панел-дискусијата беа дадени и пример-решенија и препораки за учество со можности за подобрување на инклузивноста на изборниот процес и самото гласање.
Ова е трета тркалезна маса во рамки на проектот „Еднакво учество на лицата со попреченост во изборниот и политичкито процес во Македонија“, одржана во Североисточниот регион на Македонија. Тркалезни маси претходно беа одржани во Куманово и Кратово.
Главната цел на инциијативата е да помогне да се овозможи лицата со попреченост да гласаат на ист начин како другите луѓе, самостојно да го остварат своето право на глас и директно да учествуваат во политичкиот живот.