Во општините Делчево, Битола, Шуто Оризари, Тетово и Куманово ќе биде спроведен проект за поттикнување одржлива реинтеграција на Роми повратници во Македонија, преку мапирање на проблемите на повратниците помош за нивно побрзо интегрирање во општеството.
Проектот го спроведува невладината организација КХАМ од Делчево и Институтот за европски политики со поддршка на Канцеларијата за ромски иницијативи од Будимпешта.
Ромина Кајтазова од КХАМ, потенцира дека во рамки на проектот ќе бидат ангажирани локални соработници во период од 6 месеци започнувајќи од 6. март годинава.
– Локалниот соработник ќе има обврска за мапирање на потребите на Ромите повратници, да ги информира повратниците каде можат да се обратат за помош, да претставуваат врска помеѓу повратниците и ромските информативни центри, да доставуваат двонеделни извештаи до ЕПИ и КХАМ за нивното работење, истакна Кајтазова.
Додава дека целта на проектот е да помогне во интеграцијата на повратниците во земјава.
– Повратниците кои од економски причини заминале по западноевроските земји како економски мигранти, по нивното враќање дома ќе се соочат со големи препреки и мислиме дека ние ќе им излеземе пресрет со цел полесно да ги интегрираме во процесот на образование, социјала, во здравството. Всушност и самата цел на проектот е да се обезбеди одржлива реинтеграција на повратниците преку идентификување на нивните бариери и остварување на основните права и услуги, истакна Кајтазова.
Според податоците со кои располага Кхам, околу 375 илјади азиланти од кои 42 илјади македонски кои се одбиени за азил, перманентно се враќаат во земјава, а од нив околу 90 проценти се Роми.