Организациите Форум – Центар за стратешки истражувања и документација од Скопје и Младински иницијативи за дијалог и соработка од Битола, денеска во Струга ќе одржат работилница на која ќе ги презентираат активностите на проектот „Алијанса за регионален развој“.
Пред учесниците на работилницата ќе бидат претставени резултатите од базичното истражување за спроведувањето на политиката на рамномерен регионален развој во Македонија, со посебен осврт за состојбите во Југозападна Македонија.
Проектот е поддржан од Европската унија преку програмата ЕИДХР 2014-2015.
Во последните десетина години донесени се Законот за рамномерен регионален развој и Стратегијата за регионален развој 2009-2019, според кои, како што информираат организаторите на работилницата, треба минимум еден отсто од БДП на државата да се инвестира во помалку развиените региони и да се стимулираат помалку развиените региони за да се избалансира развојот во осумте плански региони во Македонија. Идејата на оваа политика е да се намалуваат разликите и во развојот во рамките на самите плански региони.