Содржината на последните предлози на медијаторот Метју Нимиц за решавање на спорот за името на Македонија, немаат никаква врска со она што е објавено во некои македонски медиуми.
Ова денеска го соопшти портпаролот на грчкото МНР Григорис Делавекурас кој додаде дека Грција нема добиено такви предлози и она што е објавено како формула за решавање на името воопшто не е точно.
Македонскиот неделник „Граѓански“ објави дека Нимиц предложил името на нашата земја да биде „Северна Република Македонија“, додека за придавката „македонски“ и идентитетот Македонци, тој предложил да се користи „од Северна Република Македонија“, а јазикот да биде „официјален јазик на Северна Република Македонија“.
„Што се однесува до содржината објавена денеска во некои грчки медиуми, дека Грција има намера да се сложи поранешната југословенска Република Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ без претходно да се реши прашањето за името, треба да биде јасно дека тоа не е точно. Грчката позиција останува стабилна и конзистентна, дека за почеток на пристапните преговори, предуслов е исполнување на сите услови и критериуми утврдени со одлуките на ЕУ. Најважен од овие услови е почитување на соседите и следствено на тоа изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за прашањето за името“, се наведува во изјавата на Делавекурас.