Американскиот амбасадор во Република Македонија, Џес Бејли вечерва имаше интервју за ТВ Сител, во кое што ги искажа своите ставови за политичката ситуација во Македонија по изборите на 11 декември.
Партиите треба да одлучат каква влада ќе формираат откако изборите на 11 декември донесоа исклучително тесен резултат, изјави амбасадорот на САД во Макеоднија Џес Бејли во интервју за „Сител“.
– Дали ќе се формира нова влада ќе зависи од 61 пратеник во Собранието. Ќе мора нив да ги прашате за тоа. Но, мојата анализа на ситуацијата е следната. По целиот процес имавте избори на 11 декември на кои имаше висока излезност и од кои произлегоа тесни резултати помеѓу партиите. Ова беа можеби најтесните избори во Македонија. Сега имате задача да преминете од избори на нова влада. Затоа партиите, различните политички опции се обидуваат да состават коалиции со кои ќе владеат и ќе ја придвижат земјата напред – рече Бејли.
Бејли рече дека за новата влада најважна задача ќе биде реализација на реформите утврдени во договорот од Пржино.
– Ние потенциравме, и други амбасадори потенцираа исто што и Комесарот Хан- од наша перспектива она што е важно е новата влада да работи кон исполнување на реформите кои беа утврдени со договорот од Пржино, ургентната листа на реформи од извештајот на Прибе, тоа го очекуваме од владата- вели Бејли.
Бејли не ги коментираше можните опции, ако не се формира Влада, но смета дека нови избори не мора да донесат поинакви резултати од сегашните.
Во врска ставот на меѓународната зедница за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство, Бејли изјави дека никој не бил свесен за обемноста на материјалот со кој што се соочило СЈО.
– Да се вратиме назад и видиме која беше поентата за формирањето на СЈО, а тоа е да донесе одговорност за содржината од наводите кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Не сум сигурен дека било кој тогаш беше свесен за обемот на работа со кој ќе се соочи СЈО и верувам дека институцијата се соочи со препреки и отежната соработка исто така – рече Бејли.
Како што вели тој, многу е важно работата да се заврши до крај и да се утврдат фактите и да се расчистат сомнежите дали и кој вршел злоупотреба.
Во врска со Платформата на партиите на Албанците, американскиот амбасадор рече дека него не го интересира ниту една платформа.
Во однос на обвинувањата, на дел од македонските медиуми за програмата на УСАИД и фондацијата „Отворено општество“, т.н процес на “десороизација“, Бејли рече дека грантовите кои тие ги доделуваат не поддржуваат или финансираат политичка идеологија или партија, туку иститите се наменети за развој на општеството во полето на правата на граѓаните или образованието.
Амбасадорот на САД, Џес Бејли информираше и дека одговорил на писмото на конгресмените кои побараа од него да го направи тоа, и дека во одговорот нема податоци кои може да бидат компромитирачки за работењето на Амбасадата, и рече дека истото не е објавено во јавноста бидејќи Стејт Департментот не објавува јавно своја комуникација со Конгресот.