Основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс го повика светот да се подготви за глобална пандемија и опасност од био-тероризам.
– Потребно е меѓународната заедница да сфати дека тоа треба да го направи брзо – истакна Гејтс на Безбедносната конференција во Минхен. Тој го повика светот сериозно да ја сфати заканата од глобална пандемија, исто колку и опасноста од нуклеарен напад за време на Студената војна.
Гејтс го спореди овој проблем со епидемијата на ебола во Западна Африка во периодот 2014-2015 година и со шпанскиот грип од 1918 година. Тој изрази опасност и од можноста за создавање вирус за терористички цели.
– Една катастрофа од глобален размер е веројатна – смета Гејтс.
Американскиот милијардер побара од државите да инвестираат во разработување технологии со капацитет за откривање вакцини за период од неколку месеци.
– Подготовката за пандемија ќе го чини светот 3,4 милијарди долари годишно, а евентуалната пандемија ќе предизвика штета од 570 милијарди долари годишно – нагласи Гејтс.