Обука за обучувачи за подготовка на предлог проекти за инструментите на Фондот за иновации и технолошки развој со оперативниот советник на Фондот за иновации и технолошки развој, Питер Моѓуроши, се одржа денеска во Скопје.
Обуката, соопштија од Фондот за иновации и технолошки развој, беше наменета за лица и организации кои обезбедуваат поддршка на стартап и спин-оф претпријатија и претпријатија кои работат во полето на иновациите и нови технологии.
Посебен фокус беше ставен на четвртиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој за инструментите: кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин-оф и кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации. Беа покриени следниве теми: бизнис модели, пазарен потенцијал, финансиски проекции, регулирање на правата од интелектуална сопственост и степен на иновативност, наведуваат од Фондот.
Од Фондот информираат дека утре ќе се одржи Ask me anything сесија со Волфганг Книејски, претседател на Комитетот за одобрување на инвестиции. Сесијата ќе биде на англиски јазик.
Организирањето на работилниците е потпомогнато од Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементирана од Свисконтакт и Преда плус.