Министерот за одбрана Фатмир Бесими, началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески и амбасадорот на ЕУ Аиво Орав денеска присуствуваа на свечената академија по повод 111 години од доделувањето на Нобеловата награда за мир и овогодишното врачување на ЕУ, на промоцијата на посебното издание на списанието „Штит“ за учеството на АРМ во мировните мисии и на иницијативата за формирање регионален Центар за мир во Република Македонија.
Во обраќањето министерот Бесими укажа дека треба да се преземе се што се однесува за поттикнување мировна култура, градење доверба, создавање предуслови за мир и разбирање меѓу државите, како и меѓу граѓаните во тие држави.
– Европа е добар пример за надминување на воените конфликти по мирен пат. ЕУ е мировен проект кој ќе го инспирира светот и ќе испрати порака за подобра иднина, рече Бесими, дадавајќи оти Република Македонија е цврсто определена да стане полноправна членка на ЕУ.
Министерот за одбрана потсети дека АРМ е достоен и кредибилен партнер во мировните мисии на НАТО, ОН и ЕУ и истакна дека Македонија ќе продолжи да го промовира мирот и да биде негов извезувач.
Придонесот и посветеноста на АРМ кон глобалната безбедност и мир, потенцира началникот на ГШ на АРМ Котески, најдобро се гледа од 10-годишното учество во мировните мисии предводени од НАТО, ЕУ и ОН.
– Република Македонија е посветена и на натамошно јакнење на идниот придонес кон глобалната безбедност и мир, преку постепено зголемување на придонесот во меѓународните операции и на долг рок достигнување на распореденост од 8 проценти од армиските сили, рече генерал-мајор Котески, додавајќи оти и досега македонските мировници со својата пожртвуваност, професионализмот и дисциплина ја претставуваат Македонија на најдостоен начин.
Амбасадорот Орав, осврнувајќи се на почетоците и формирањето на ЕУ, потенцира дека тоа не е елитен проект, но, подвлече, секој што сака да и се приклучи мора да ги прифати нејзините вредности – почитување на човековото достоинство, слободи и права, демократија, еднаквост, владеење на правото и правата на малцинствата.
– Вашата земја е многу конкретен пример во откривање на своите врски кон европската перспектива, мирот и безбедноста. Во 2001 година се соочивте со безбедносна криза, ЕУ беше вклучена во преговорите за Рамковниот договор, кој на крајот на краиштата ја спаси оваа држава од граѓанска војна, рече Орав.