Градоначалникот на Дебар Ружди Љата го осуди последното последователно уништување на општинскиот имот и побара од надлежните да ги откријат сторителите и да ја добијат заслужената казна.
– Искажувам остра осуда во врска со последното вандалско однесување на поединец или група злонамерници, кои уништиле со палење пластични цевки од систем за наводнување, кој минува покрај патот Дебар – Бомово и на патот во изградба за селата Аме и Бањиште. Цевките служат за наводнување на земјоделските површини во ова подрачје и општината сега ги заменува со нови, со цел да не им се предизвикува штета на локалните земјоделци. Но, тоа се нови непланирани трошоци на општината, изјави Љата.
Како што посочи тој, оваа негативна појава е деструктивна тенденција и не е во полза на заедницата и општеството во целина.
Ова не е прво вакво вандалско однесување. Во последните години се регистрирани многу оштетувања на градби кои ги направила локалната власт, како што тоа на неколку наврати се направи на новото шеталиште.
Ваквите негативни појави ги осуди и Советот на Општината, но и граѓанскиот сектор, од каде што велат дека штетите ги прават групи кои не му посакуваат добро на Дебар.