Директорот на Јавното претпријатие Македонски железници Инфраструктура Ирфан Асани учествува на Генералното собрание на Организацијата за европски железници и инфраструктурни компании (CER) која се одржува од 8-ми до 10-ти февруари во Брисел.
На собранието е потпишана Декларација за социјално вклучување, којашто ги обврзува нејзините потписници, национални институции и организации, да ги вклучат и обрнат посебно внимание на лицата кои се соочуваат со социјални потешкотии во однос на железничките станици и пристап кон нив. Целта е да се промовира размена на знаења и најдобри практики меѓу потписниците за тоа како се справуваат со лицата кои имаат социјални и финансиски потешкотии за користење на железничкиот сообраќај. Декларација првпат е потпишана во 2008 година од пет железнички компании, соопшти ЈП МЖ Инфраструктура.
Асани, според соопштението, оценил дека искуствата од учеството на генералното собрание е важно за Македонски железници.
– На маргините на ова генерално сообрание остварив средби со директори на повеќе железнички компании со кои разменивме мислења за понатамошен развој на железничката инфраструктура во Македонија. Со некои од нив е најавено и потпишување договори и меморандуми за соработка, истакнал Асани.
На генералното собрание се обрати директорот на Директоратот за политики за координација и безбедност, Пер Хаугард, кој ги презентираше резултатите од студијата за опции во безбедноста на европските и меѓународните железнички услуги за превоз со голема брзина.
Исто така, беа презентирани и приоритетите за периодот 2017-2020 година во поглед на бизнис секторот, како и имплементација на десетте приоритети усвоени на состанокот со претставници од ЕУ во декември 2016 година.