Српското народно движење „Наши“ во Србија покрена акцијата „Стоп операција Сорос“, која како што вели за А1он претседателот на „Наши“, Иван Ивановиќ, е инспирирана од македонската таканаречена организација „СОС“.
Претседателот на СНД „Наши“ ја напаѓа Фондацијата Отворено општество – Србија за истите работи за кои Цветин Чилиманов, Никола Србов и Ненад Мирчевски напаѓаат овде. Идентично како во Македонија, ова проруско движење обвинува дека „Сорос и неговите невладини го уривале уставниот поредок во Србија“.
– Во бројните акции кои ги имаме спроведено до сега, лепење плакати, организирање трибини за невладини организации, објавување на списиоци од каде која невладина се финансира, сега одлучивме да оформиме нешто слично како кај вас во Македонија, рече Ивановиќ за А1он.
Ивановиќ рече дека наводно се уште немале никакви контакти со Чилиманов, Србов и Мирчевски, но тоа им била една од целите во наредните денови.
– Засега немаме никакви контакти, но тоа е еден од нашите цели во наредните денови кои сакаме да ги направиме со цел слични организации да се вмрежат на цел Балкан и целосно да се стопира работата на невладините организации кои се финансираат од Фондот на Сорос, вели Ивановиќ.
Освен како проруско движење, СНД „Наши“ во Србија е познато и како движење кое се залага за антиевропски политики и е коалиционен партнер на радикалот Воислав Шешељ. Претседателот на движењето, Иван Ивановиќ за активностите на СНД „Наши“ е повикуван на преку 500 информативни разговори во полиција, бил на пет судења и два пати лежел во затвор.
Движењето не крие дека е проруско, па тоа го пишува и на нивната официјална страница каде е наведено: „Поради бескомпромисниот став против членување на Србија во ЕУ и НАТО и за соработка со Руската Федерација, „Наши“ стануваат трн во око на многу прозападни политичари и партии, а притисокот и репресијата на активистите на движењето со времето стануваат се поголеми и поголеми“.
Оркестрираните напади против Сорос се претворија во хајка во Македонија, откако ВМРО-ДПМНЕ не го освои посакуваниот резултат, па мораше да се најде виновник. Нападите почнаа директно од Никола Груевски, кој пред секои и по секои избори наоѓа по некој државен непријател.
Фондацијата отворено општество се посочува како државен непријател само во општествата кои се скарале со демократијата. Фондацијата единствено се повлече од Русија, партијата на Виктор Орбан во Унгарија ретерираше во нападите кон Фондацијата.
Колкави се шансите да се најдат соодветени сојузници во соседството за антисорос кампањата, освен кај приврзаниците на Шешељ, ако се има предвид дека актуелната власт во Србија веќе преговара по поглавјата за влез во ЕУ, во што е вклучен и невладиниот сектор.
Александар Тодески