ДОМ повикува да не се залажуваме со еден чист ден по врнежите од дожд, зашто причините за загаденост не се отстранети и наскоро пак ќе се вратиме во алармантната црвена зона! Затоа не само што не смее да се прекине со бесплатниот јавен превоз во овие магливи зимски денови, туку треба да се донесат и другите итни мерки за спас од загадувањето.
Како комплементарна мерка на бесплатниот автобуски превоз во Скопје, градоначалникот треба да донесе и забрана за движење на возила под ЕУ4 стандард, кои се најголемите загадувачи во транспортот, за време на голема загаденост. Со нивно отстранување од сообраќај, осетно ќе се намали бројот на опасните ПМ10 честички, а нивните корисници ќе можат да се возат бесплатно со јавен превоз. На ваков начин првата итна мерка ќе биде поефективна и засилена со вторава мерка.
Забрана за возила под ЕУ4 треба да се донесе и во другите поголеми градови во Македонија, но паралелно со ова и да се обезбеди бесплатен јавен превоз во време на екстремна загаденост. Никој не смее да го постави прашањето на цената како пречка, зашто во спротивност, граѓаните плаќаат со своето здравје и живот, се вели во соопштението на ДОМ.
ДОМ го повторува барањето да се состане меѓуресорското тело, со претставници од неколку клучни министерства и од локалната самоуправа, за да може да се донесе целиот пакет итни мерки. Ја повикуваме и Владата во целост да ги исполни своите обврски за обезбедување здрава животна средина, зашто во оваа сфера обврските се исти, независно дали се работи за техничка, или Влада со целосен мандат.