Новинарите од медиумската куќа Медиа принт Македонија излегоа на неформален протест да го искажат своето незадоволство кон менаџментот поради доцнење и неисплаќање на и онака намалените плати.
Тие велат дека поради доцнењето на платите кое се случува секој месец одземани им се речиси две плати. Новинарите за утре најавија нов протест доколку менаџментот не ги подмири долговите кон своите вработени.
Ова не е прв протест на кој излегуваат вработените од МПМ. Во јули месец минатата година тие протестираа откако менаџментот најави дека ќе отпушти 20 вработени од кои најголем дел од весникот „Вест“.
Пред две години, новинарите вработени во медиумите на МПМ исто така излегоа на протест откако менаџментот најави намалување на платите. Тие добија нови договори и анекс на договорот и беа условени дека доколку тој договор не биде потпишан им следува отказ.
Според одлуката на менаџментот, за 10 отсто се намалија платите од 18.000 до 30.000 денари, за 20 отсто тие над 30.000 денари до 60.000 денари и за 30 отсто платите над 60.000 денари.
Виктор Јованов