Ски центарот „Маврово“ од 3 – 5 февруари 2017, го организира 15. аматерски хуманитарен велеслалом од кој собраните средства, ќе бидат донирани на Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуални пречки – ПОРАКА.
Компаниите може да пријавуваат екипи составени од тројца учесници – скијачи, кои ќе се натпреваруваат два дена, во квалификациска и во финалнa тркa. Секоја компанија може да пријави повеќе тимови. Котизација за пријавување на еден тим изнесува 12.000 денари и тимовите скијачи може да се пријават на: http://eepurl.com/cyejWH
Натпреварите се организирани професионално. Скијачкиот Центар од Маврово, во соработка со Скијачкиот сојуз на Македонија, изготви програма и пропозиции по кои ќе се одвиваат квалификационите и финалните трки. Времето на трката ќе се мери електронски. Директор на трките е реномираниот меѓународен судија, Виктор Крстевски-Викса, а традиционално, главен судија на натпреварувањето е Јохан Елзесер. За овој настан, патеката ќе ја постави Александар Атанасовски – Чаве од Алпскиот скијачки клуб „СКАДИ“.
На хуманитарниот велеслалом веќе се пријавени тимови од голем број компании, како Македонски Телеком (секогаш е главен поддржувач и спонзор на самиот настан), потоа ОнеВип, телевизија Канал 5, Некстсенс, Комерцијална Банка, Горска, НЛБ пензиски фонд, АЕК, Контрола на летање, Асеко, Пелистерка, Ванила фуд и уште неколку компании кои ќе помогнат овој настан да придонесе за хуманоста кон оние на кои им е потребна помош.
Натпреварот ќе започне со квалификациско возење за сите пријавени натпреварувачи. Најпрво ќе стартуваат натпреварувачите во женска конкуренција, потоа оние кои се над 40 годишна возраст (сениори), а за крај, најмладите или сите кои се родени пред и заклучно со 1975 година. Најдобрите 8 или 16 од секоја категорија ќе се квалификуваат за финалните паралелни трки во недела.