Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија смета дека треба да се најдат начини да се одблокира работата на собраниската Комисија за труд и социјална политика за да може да се усвои законското решение кое треба да овозможи воредно зголемување на пензиите. Во спротивно, велат оттаму, може да биде доведено во прашање договорот што пензионерите го постигна низ повеќемесечен дијалог со Владата.
– Нашиот Сојуз како репрезентативен претставник на интересите на пензионерите низ дијалог со Владата договори вонредно линеарно зголемување на пензиите за 5 проценти што ќе значи зголемување на најниските пензии и до 12 насто. Тоа зголемување треба да уследи во март 2013 година, заедно со процентот на системското усогласување на пензиите за сите пензионери. Одлагањето да се разгледува овој законски проект во Комисијата за труд и социјална политика значи опасност од одолговлекување на усогласувањето на пензиите на 280.000 пензионери, рече на денешната прес-конференција претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Драги Аргировски.
Додаде дека не смее да се дозволи неколкумесечниот дијалог што се водел со Владата да падне во вода и да биде залуден. Затоа, рече, апелираме да се откочи работата во Собранието и да се стави на дневен ред предлог-законско решение за покачување на пензиите.
– Значи, очекуваме од сите политички фактори целосна поддршка на договореното покачување на пензиите и без одлагање да се стави на дневен ред предложеното законско решение, рече Аргировски.
Тој нагласи дека исто така треба да се забрза и донесувањето на посебниот Закон за пензионерско организирање во Македонија, кој, како што рече, е многу битен за заштита и унапредување на работата на Сојузот и на здруженијата на пензионерите во целина, за создавање поквалитетен, содржаен, активен, здрав и достоинствен живот во третата доба.