Ивајло Цветков од Бугарија ја доби златната плакета на 18. Меѓународен фестивал на афоризам и карикатура што се одржува во Струмица. Меѓународното жири во состав Маја Чолакова од Бугарија како претседател и членовите од Македонија, Мирослав Георгиевски, Горги Панов, Никола Сарајлија и Александар Филев одлучувале за 200 карикатури и 400 афоризми кои пристигнале од 30 земји од светот.
– Со овие пристигнати дела, еротскиот цртеж добива една нова димензија, може авторите се повторуваат, но нивните дела се многу нови и го задржуваат вниманието. Од година во година се подобрува не само квантитетот туку и квалитетот на пристигнатите цртежи. Збирката досегашни цртежи ја претставивме во Габрово соседна Бугарија, а се надеваме дека ќе ја однесеме и во Софија, вели Марјан Пецев Захов, организатор на Фестивалот.
Сребрената и бронзената плакета за карикатура ќе ги добијат Константин Казанчев од Украина и Клаус Питер од Австрија. Одлуката била тешко да се донесе, вели претседателката на жирито, Чолакова.
– Неколку пати сум учествувала и лично како автор на овој фестивал. Затоа може слободно да кажам дека расте неговото значање меѓу карикатуристите. Овој фестивал има навистина уникатна тема- еротиката, но истата поврзана со карневалот. Тука е таа уникатна нишка. Има многу фестивали со еротска содржина, но оваа поврзаност со карневалот отвора многу поширок простор за уметничка креативност, вели Чолакова.
За оригиналноста на темата зборуваше и членот на жирито Георгиевски, кој посочи дека токму тоа било провокација за карикатуристите од странство да учествуваат на него.
– Повеќе од 30 години сум учесник на бројни фестивали. Моите колеги од странство секогаш го нагласуваат задоволството да учествуваат на струмичкиот фестивал токму поради слободата на темата. Еротиката и карневалот ги ослободуваат од тежината секојдневните политички и општествени теми кои се предмет на нивното креативно работење, рече Георгиевски.
Златната плакета кај афоризмите оди во Србија, кај афористичарот Милорад Вујновиќ под шифра „Чаробна ламба“. И сребрената и бронзената плакета ги добиваат афористичари од Србија, Пеко Лаличиќ шифра „Зоро свети“ и Александар Чортиќ шифра „Тајна веза“.
– Нијанси одлучуваа кој ќе го понесе пиететот најдобар афоризам. Навистина имавме афоризми на мајстори на пишаниот збор кој одлично си ја завршиле работата. Многу прецизно читавме и одлучувавме кои се најдобрите. Затоа годинава освен плакети, доделуваме и девет дипломи, што е најмногу досега, како своевидно признание на авторите, рече Горги Панов, член на жирито.
Осум дипломи ќе бидат доделени и за ристигнатите карикатури од автори.
Традиционално изложбата на карикатурите и читањето на афоризмите ќе се одржи на Чист понеделник (27 февруари 2017) во склоп на карневалското празнување во Струмица.