Обрезание Христово, Св. Василиј Велики, Православна нова година

Од:

Три празници во еден ден

(Именден празнуваат: Васил, Василка, Васка, Весела, Веселинка, Веска, Нове, Новка…)

На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар христијанските верници празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.

Според еврејските закони секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име. Овој чин се сметал за воспоставување врска со Бога поради што необрежаните се сметале за неосветени и нечисти, а со тоа и отпадници од еврејскиот народ. Исус како божји син можел и да не биде обрежан, но тој не дошол на земјата за да ги негира законите туку за да ги потврдува и да служи за пример. Поради тоа светото семејство на осмиот ден од раѓањето го донесло во храмот новородениот син каде што по извршувањето на овој обред му ставиле име, онака како што им рекол ангелот при јавувањето на Света Дева Марија, Исус (еврејски збор што значи Спасител) и Христос (грчки збор што значи помазан). Во Евангелието според Лука е запишано: „А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.“ (Лука, 2, 21) Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово на осмиот ден по Божик – денот на Христовото раѓање.

Како што може да се види „Христос го прими обрезанието како што предвидуваше Старозаветниот закон. Бидејќи се роди и живееше во конкретна средина, ги пазеше сите одредби и обичаи на таа средина. А бездруго обрезанието треба да се протолкува низ богословието на понижувањето (кеносисот), што го прими за спасение на човечкиот род.“ Имајќи предвид дека празникот на Христовото раѓање не е од најстарите Господови празници, дека најпрво споменот на Христовото раѓање бил слеан во Богојавление, денот на неговото крштевање, (односно на неговото духовно раѓање), и дека подоцна тој настан е поврзан со денот 25 декември, може да се рече дека и денот на Господовото обрезание подоцна е ставен на осмиот ден по раѓањето. Како што се пее во еден тропар „Слегувајќи Спасителот при родот човечки го прими повивањето во пелени; не се одврати од плотското обрезание…“ Христос, како што од љубов и човекољубие го прими повивањето со пелени, така го прими и плотското обрезание. Тоа крајно снисходење и понижување Христово, од црквата се смета за голем Господов празник.“

Треба да се спомене и тоа дека Исус со обрезанието покажа дека примил вистинска човечка природа. „Тоа е многу значајно, затоа што во древната црква се појавила една ерес која се нарекува докетизам и која тврдела дека Христос не прими вистинска човечка природа, вистинско човечко тело, туку привидно тело.“

Во таа смисла обрезанието има врска и со крштевањето. Зашто, ако како што вели свети Јован Златоуст „плотското обрезание ги одделуваше Израелците од јазичниците“ со светото крштение се одделувале верните од неверните. „Луѓето со обрезанието стануваа добри Израелци, избран народ Божји. Со Крштението и воопшто со животот во Христа луѓето стануваат деца Божји, го стекнуваат посинувањето по благодат и ја победуваат смрта.“

Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска. Роден е во овој град, во 329 година, од побожни родители, татко кој исто така се викал Василиј и мајка Емилија. Уште мал се стекнал со образование, примил свештенички чин и го учел народот на божјата наука. На големата популарност му завидувал тогашниот владика во Кесарија поради што Василиј заминал во пустина каде што останал до смртта на владиката. Потоа се вратил и бил поставен за владика, направил многу добри дела по кои црквата сè уште го споменува. Умрел на 1 јануари 389 (според некои 379) поради што црквата секоја година на овој ден го празнува споменот на неговото име. Останал како пример за позитивни човекови особини поради што црквата го нарекла Велики.

Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја. Се верува дека овие денови за човекот се опасни бидејќи тогаш мртвите се во движење, разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили се активни и на сите начини сакаат да му напакостат. За заштита од овие негативни демони човекот во овој период избегнувал некои потешки работи, но изведува и разни магиски заштитни дејствија. Особено познати се некои обичаи, како бабарските, русалиските и сл. од кои траги на почвата на Македонија се одржале до денес. Посебно интересна е една драмска игра со маски која се среќава на теренот на цела етничка Македонија, но секаде со различни имиња според имињата на учесниците во играта: во Охридско – василичари, во Битолско – бабари, во Скопско-џамалари, во Тиквешијата – џаламари, во Разлошко-сурваскаре, во Костурско и други места во Егејска Македонија ешкари итн. Иако во повеќе места оваа драмска игра се играла во текот на сите дванаесет Некрстени денови, сепак, таа најчесто е поврзана со празникот Василица.

Би можело да ве интересира

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Г.г Стефан и српскиот патријарх Порфириј во посета на Нишката епархија

Богородичната икона Троеручица денеска пристигнува во Скопје

Во петок литија низ Скопје со икона на Богородица трирачица, подарок од Хиландар за МПЦ

Предраг Петровиќ

МПЦ-ОА повика на масновност на изборите

Митрополит Агатангел: Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат предмет на тргување, тоа важи и за Црквата