Во 2016-та ЛУ Градски музеј Крива Паланка одбележа десет години од основањето, а јубилејот го одбележа со голем број настани, изложби и промоции на книги, информираше директорот Драган Величковски.
Во годината што измина Кривопаланечкиот музеј ја реализираше минатогодишната програма успешно, а за 2017 покрај редовните настани за кои ќе биде организатор или коорганизато, аплицираше со шест проекти за поддршка од Министерството за култура.
– Лани реализиравме 13 изложби, три промоции на книги и промоција на „Славишки зборник“ и манифестација во која се јавуваме како организатор – „Велигденска традиција“. Учествувавме во Кривопаланечко културно лето, музичкиот фестивал „Џојфест“ и останати годишни манифестации што ги организира локалната самоуправа на општината, изјави Величковски.
Бројот на посети во музејот, пак, во 2016 е преполовен во однос на претходните години, кога достигнувал и до 1500 посети.
– Бележиме мал пад во однос на посетите што се должи на тоа што поради реновирање се затворени двете главни поставки во музејот, историската и археолошката поставка. Поради ова, бројката на посети е преполовена, имавме над 500 посети, од кои само шест групни, додаде Величковски.
Посочи дека поставките уште се реновираат и реконципираат и дека очекуваат кон средината на 2017 да бидат отворени. Тие се финансирани од Министерство за култура.
Во 2016 година ЛУ Градски музеј Крива Паланка ги надополни музејските артефакти со значајни материјали од раниот визанстиски до доцниот среден век, пронајдени при самостојните ископувања направени на локалитетот Градиште во село Градец.