Грција е на последно место од 27-те земји членки на ЕУ на листата за перцепција на корупцијата, покажува најновиот извештај на антикорупциската организација „Транспаренси интернешнл“, јави дописникот на МИА од Атина.
Организацијата изготвува индекс за перцепцијата на корупцијата. Годинава се употреби нова скала од 0 до 100, а најмногу поени добиваат земјите каде чувството за корупција е најмало, додека 0 добиваат најкорумпираните.
Индексот за корупција во јавниот сектор покажува и дека другите европски држави кои се во криза се полошо рангирани од другите, како што е на пример Италија која е на 72 место, додека Романија е на 66 позиција.
„Транспаренси интернешнл“ ги повикува владите да вложат повеќе напори за исполнување на своите ветувања за борба против корупцијата во области како што се јавните набавки, финансирањето на политичките партии и даночното затајување.
Индексот на „Транспаренси интернешнл“ годинава рангира 176 земји кои се наредени според перцепцијата, а не на реалните нивоа на корупцијата.
Грција е на 94-то место после повеќе посиромашни и понови демократии од земјата.