Амбасадорот на Грција во Бразил, Киријакос Амиридис е убиен од бразилски полицаец, кој бил во тајна љубовна врска со сопругата на грчкиот дипломат, соопшти полицијата на Рио де Жанеиро.
Амиридис (59) исчезна во понеделникот, но неговото мртво тело беше најдено во четвртокот, во багажникот на изгорениот автомобил што го имал изнајмено амбасадорот.
Автомобилот и телото биле откриени под подвозник на сообраќајна клучка, на еден од главните приодни патишта кон Рио де Жанеиро.
Бразилската полиција го откри и го уапси убиецот, 29 годишниот локален полицаец Серхио Гомеш Мореира Фиљо кој признал дека го задушил грчкиот дипломат.
Во истата полициска операција уапсена е и сопругата на амбасадорот, Франсоаз Амиридис (40), откако полицијата ја обвини дека го испланирала и го поттикнала убиството на својот сопруга, заедно со својот помлад љубовник.
Уапсен е и близок роднина на убиецот, кој добил 20 илјади долари, да помага во убиството на Амиридис.
Главниот инспектор во полициската операција изјавил за бразилските медиуми дека сопругата на амбасадорот, првично, тврдела дека нема ништо со убиството, обидувајќи се целата вина да ја префрли врз убиецот.
Полицаецот Мориера Фиљо при апсењето се обидувал да се одбрани, тврдејќи дека го извршил убиството во самоодбрана. Тој тврдел дека амбасадорт го нападнал откако Фиљо го обвинил дека ја „малтретира“ сопругата, но полицијата ги отфрлила ваквите објаснувања, особено што третоуапсениот – роднината на убиецот- веднаш признал што навистина се случувало.
Грчкиот амбасадор патувал во понеделникот, од Бразилија за градот Нова Игуаку, северно од Рио де Жанеиро, за да ги помине празниците со својата сопруга, Бразилка, кај нејзините родители.
Тие биле во брак 15 години и имаат една десетгодишна ќерка. Исчезнувањето на Амиридис го пријавила неговата сопруга.