Околу 150 лица изглегле на гласање до 11:30 часот на избирачкото место 2011 во Теарце, каде денеска се прегласува во рамки на предвремените парламентарни избори 2016.
– Гласањето се одвива мирно и без проблеми. До 11:30 часот излезеноста е околу 150 лица, од вкупно запишаните 714 на Избирачкиот список и споредбено со изборите на 11 декември во истиот временски период е нешто поголема, изјави Татијана Чуприна, заменик-претседателка на Избирачкото место 2011 во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Теарце.
Чуприна рече дека околу 8 часот и 30 минути бил утврден мал проблем со УВ-ламбите поради што имало петнаесетминутен прекин за што била известена Општинската изборна комисија (ОИК). Биле донесени две други Ув-ламби по што гласањето продолжило.
На гласачкото место се и набљудувачи од политички партии и од невладини организации, забележително е и присуство на припадници на полицијата.
До 10 часот, според Државната изборна комисија (ДИК), на гласање излегле 76 од запишани 714 избирачи, или 10.64 отсто.
Следниот податок за излезеност на гласачите ДИК ќе го соопшти по 13 часот. Првичните резултати од гласањето Комисијата се очекува да ги соопшти на прес-конференција во 21:30 часот.
ДИК донесе одлука да се повтори гласањето на ова избирачко место врз основа на симулацијата со која се покажа дека прегласувањето може да влијае на бројот на освоени мандати, и врз основа на одлуката на Управниот суд да ја прифати тужбата на Коалицијата предводена од СДСМ и да донесе решение за поништување на гласањето на ова избирачко место.