Граѓаните на Теарце ја имаат таа чест да ја потврдат победата на граѓанска, демократска и единствена Македонија. Сите лаги, манипулации, заплашувања и делби на Никола Груевски и неговите послушници паднаа во вода пред одлучноста на граѓаните да стават крај на режимот и да изберат живот во Македонија, рече Петре Шилегов, носител на кандидатска листа во ИЕ6.
И тука во Теарце како и во цела Македонија, граѓаните очекуваат промените да дојдат и спроведувањето на Планот за живот во Македонија. А тој план значи повисока минимална плата во првите четири месеци од мандатот, поврат на 15 проценти од ДДВ-то, укинување на радиодифузната такса, укинување на екстерното тестирање.
За Теарце конкретно, тој План значи конечно, изградба на канализациона мрежа, изградба на секундарна водоводна мрежа, изградба на спортска сала, изградба на одводните канали коишто го мачат ова подрачје.
Затоа граѓаните на Теарце во недела мора слободно и одлучно да излезат на гласачките места и на прегласувањето и да го остварат своето уставно загарантирано право на глас. Убеден сум дека граѓаните на Теарце ќе го искористат правото на глас и ќе се придружат на промените, на животот во Македонија.
Се гледа одлучноста на граѓаните на Теарце заедно со мнозинството граѓани на Македонија да ја вратат Македонија на вистинското место, да ја вратиме заеднички слободата, правдата и еднаквоста и тоа ќе се случи во недела.