Воената авијација на Саудиска Арабија, во текот на своите бомбардирања на територијата на Јемен, користи кластер бомби кои се призведени и купени во Велика Британија- открива британската телевизија Скај, повикувајќи се на извори во Министерството за одбрана во Лондон.
Според Скај, владата и министерството не ја демантираат информацијата, па се очекува министерот за одбрана Мајкл Фалон за тоа да зборува и во британскиот Парламент.
Во своето откритие , телевизијата вели дека освен Саудијците, кластер бомби користат на авионите на другите земји членки на сунитската коалиција, што ја предводи Саудиска Арабија.
Ријад и неговите сојузници застанаа во одбрана на јеменската влада, која шиитските бунтовници Хути ја натераа на бегство.
Земјите од сунитската коалиција тврдат дека бунтовниците кои брзо и лесно го зазедоа главниот град Сана, се помагани од Иран кој настојува да „обезбеди превласт„ на Блискиот Исток. Спротивставувањето на таквата иранска политика во Ријад се кристи како оправдување за воената интервенција во Јемен и учеството на страната на соборената (сунитска) влада.
Минатата недела, премиерот на привремената влада на бунтовниците- Хути, Абдулазис Бин Хабтур, ја обвини британската влада за „воени злосторства„ во Јемен.
Во разговор за тв Скај, Хабтур рекол дека „Лондон му продава на Ријад кластер бомби и знае дека Саудијците ги фрлаат врз територијата на Сана, Садах и другите провинции во Јемен„.
Овие бомби се забранети , според меѓународната спогодба, чиј потписник е и Британија.
Тие се смртоносни за цивилното население, затоа што од нив се распрснуваат други помали бомби кои експлодираат врз широк простор, а може да експлодираат и подоцна.
Официјален Лондон досега тврдеше дека кластер бомбите им се продадени на Саудиска Арабија и на Обединетите Араски Емирати уште во осумдесетите и деведесетите години на 20 век.