Државната изборна комисија вечерва со четири гласа “за“ и чеитри гласа “против’ не го прифати ниту последниот приговор на СДСМ за избирачко место 2011 во општина Теарце во Шестата изборна единица за парламентарните избори од 11 овој месец. Субхи Јакупи, член во ДИК по предлог на ДУИ, претходно кажа дека ќе се изземе од гласање. За прифаќање на приговорот гласаа членовите на ДИК Виолета Дума, Игор Милев, Реџеп Прекопуца и претседателот на ДИК Александар Чичаковски, а против Силвана Бонева, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими и Атанас Урумов.
СДСМ бараше да биде поништено гласањето на ова избирачко место бидејќи на почетокот на гласањето недостасувало едно гласачко ливче со кочанот на кој е впишан серискиот број. При броењето на гласовите ливчето е најдено во гласачката кутија, што упатува на сомнежот за организирање “бугарски воз“. Според членовите на СДСМ, нарушена е исто така и тајноста на гласањето, а го нема и записникот број 15 од ова избирачко место.
Досега, ДИК прифати само еден приговор од движењето Беса и поништи гласање на едно избирачко место во Гостивар. Отфрлени се сите шест приговори поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ и седум од Движењето Беса. СДСМ, вчера повлече два поднесени приговора.
По доставувањето на решенијата до партиите учесници на предвремените парламентарни избори на 11 декември ќе почне да тече 24-часовниот рок за поднесување на тужби до Управниот суд. Судот, пак, треба да одлучи по тужбите во рок од 48 часа.