Истражувањата на Брима Галуп, Павел Шатев и Димитрија Чуповски по изборите се покажаа како целосно неточни. По објавените официјални резултати од Државната изборна комисија и трите агенции имаа податоци кои се со огромна грешка, а единствено агенцијата Рејтинг беше со речиси прецизно предвидување.
Агенцијата Брима Галуп која се прикажува како реномирана агенција и член на светски познатата агенција ТНС, извади хаотична анкета. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ требаше да има водство од 11,1% пред СДСМ, што е за дури 9,73% различно од официјалните резултати на ДИК. Според вчерашните резултати, ВМРО-ДПМНЕ има 1.37% предност пред СДСМ.
Уште еднаш се потврдија сомневањата дека анкетите на таканаречените институти Димитрија Чуповски и Павел Шатев прават анкети по нарачка од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Овие институти кои прават манипулативни анкети немаат ниту седиште, ниту контакт телефон.
Според „анкетата“ на Павел Шатев, ВМРО-ДПМНЕ требаше да има 11,6% предност пред СДСМ. Разликата помеѓу резултати на Павел Шатев и официјалните резултати на ДИК е 10,23%.
Анкетата на Димитрија Чуповски предвидуваше водство на ВМРО-ДПМНЕ од 13,1% пред Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, што е за дури 11,73% разлика од официјалните резултати на ДИК.
Единствен точен резултат извади агенцијата Рејтинг, која предвиде разлика од 1,4% на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ. Разликата помеѓу резултатите на Рејтинг и ДИК е 0,03%.