Мојот предлог кога бев еврокомесар за проширување, за паралелни преговори за членство на Македонија во Европската унија и преговори со Грција за решавање на прашањето со името не е заборавен, порача денеска Штефан Филе, претходникот на Јоханес Хан во Европската комисија на дебатата „Балканите: Зголемување на поврзаноста на патот кон ЕУ“ во организација на невладината „Пријатели на Европа“ во Брисел, јави дописникот на МИА од европската престолнина.
Според Филе, кој во моментов е Специјален претставник на ОБСЕ за земјите од Западен Балкан, кога тој го дал овој предлог како комесар за проширување во 2012 година, не добил поддршка на Европскиот совет од некои земји-членки.
– Тој предлог не е заборавен и тргнат на страна. Едноставно, тогаш не добив поддршка од земји-членки на Европската унија, за таа т.н. двојна патека на преговори. Но, разбрав дека тој е во задниот џеб на политичарите и се надевам оти кога ќе биде добра ситуацијата на теренот во земјата, ова е начин како да се пристапи на ова прашање, коментираше Филе.
Чешкиот политичар, исто така на денешната дебата говореше за процесот на проширување на Унијата, кој, според него, не е компатибилен со непредвидливоста. Филе посочи дека проширувањето не е на авто-пилот, како и дека има одговорност и на земјите-членки кои не го ценат премногу овој процес.
– Процесот е елемент на политички инженеринг. Треба да најдеме средина, меѓу обезбедување на надеж за земјите-кандидати, што нема да биде поврзано со конкретна дата, но во исто време процес и прогрес според заслугите на секоја земја. На Западниот Балкан, искрено, про-ЕУ гласовите губат терен, растат национализмот и екстремизмот и го враќаат назад процесот на помирување. Треба нормализација на билатералните односи. Има зголемена политичка псоветеност и засилување на регионалната соработка, што е добро за балансот и замена за недостаток на ентузијазам за процесот на проширување, кој е најважна политичка обврска, која треба да дојде од земјите-членки и од кандидатските земји, додаде Штефан Филе.