Во просториите на Државната изборна комисија (ДИК) денеска ќе се спроведе гласање за предвремените парламентарни избори закажани за в недела 11 декември за членовите на избирачките одбори кои ќе го спроведуваат гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија.
Гласањето, како што е објавено на веб-страната на ДИК, започнува во 7 часот и ќе трае до 19 часот, а својот глас треба да го дадат 325 членови на избирачките одбори во ДКП-та и конзуларните претставништва.
Во Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори на 11 декември запишани за гласање се 1.784.416 полнолетни државјани на Република Македонија. Во Македонија ќе гласаат 1.531.368 граѓани, на посебниот Избирачки список запишани се 230.122 лица кои согласно евиденцијата на надлежен орган се смета дека се на привремена работа во странство, а за гласање во дијаспората ДИК ги прифати пријавите на 20.573 граѓани.
Своето право на глас во странство државјаните на Република Македонија ќе можат да го остварат во 46 дипломатско-конзуларно претставништво и конзуларни канцеларии.
Најмногу пријавени за гласање има во Берна 4256, во Венеција, 2724, во Детроит 1170, Њујорк 1168, Мелбурн 1112… За овие избори за гласањето во Берн отворени се три дополнителни избирачки места, додека во Венеција две.
Најмалку пријавени има Мадрид – 10, во Пекинг 13 и во Варшава 14 гласачи.
Гласачите во дијаспората гласаат еден пред изборите односно во сабота на 10 декември од 7 до 19 часот по локално време.
Во сабота, исто така, треба да гласаат и 13 внатрешно раселени лица, 2015 лица кои се во притвор или во затвор и болни и немоќни лица што се пријавени за гласање.