ДИК: Преземени сите мерки за спроведување на изборите

Од:

Преземени се сите потребни законски мерки со цел почитување на сите рокови за спроведување на изборите, како и техничко-организациски мерки за спречување на евентуалните неправилности, соопшти денеска Државната изборна комисија (ДИК) во пресрет на парламентарните избори што ќе се одржат во недела.

Љупка Гугучевска од ДИК на прес-конференција информираше дека гласачките ливчиња и изводите од избирачкиот список се во фаза на подготовка за печатење и оти ќе бидат доставени до општинските изборни комисии во рокот предвиден во Изборниот законик.

– За првпат на овие избори, изводите од избирачкиот список ќе содржат и лични фотографии од гласачите. Фотографиите се во формат како од личните карти или патните исправи на гласачите, а ќе послужат за полесно идентификување на гласачите, како и за елиминирање на евентуални злоупотреби, истакна Гугучевска.

Домашните и странските набљудувачи кои сакаат да го следат изборниот процес имаат рок до утре да поднесат барање за овластување.

Гугучевска истакна дека спроведени се и обуките на општинските изборни комисии од страна на Државната изборна комисија, а во тек е спроведувањето на обуките за членовите на избирачките одбори како во државата, така и на избирачките одбори кои ќе го спроведат гласањето во странство.

Од ДИК апелираат општинските изборни комисии и избирачките одбори да се воздржуваат од каква било партиска активност се до завршување на изборниот процес, а ги повикаа и вработените во државната и јавната администрација во текот на работното време да се воздржат од партиски активности и да ги пријават евентуалните притисоци од претпоставените.

– Апелираме и до сите гласачи да не подлегнуваат на провокации на лица кои евентуално пружаат поткуп, а кои на ваков начин сакаат да го злоупотребуваат правото на слободно, независно и демократско гласање. Сите гласачи на кои во која било фаза од изборниот процес им е повредено личното избирачко право, можат да поднесат приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа по сторената повреда. ДИК е должна по секој приговор од гласачите да донесе одлука во рок од 4 часа по приемот, истакна Гугучевска.

Од почетокот на изборната кампања ДИК има отворено бесплатна телефонска линија за граѓаните – 0800 555 44 на која може да ги пријават евентуалните нерегуларности кои ќе ги воочат, а се поврзани со изборниот процес.

Би можело да ве интересира

Борис Кондарко и официјално претседател на ДИК

Чејни: Ќе гласам за Харис, а не за републиканецот Доналд Трамп

Горан Наумовски

ДИК: Завршија парламентарните избори, Азизи нов пратеник на местото на Касами

„Европски фронт“ поднесе тужба до Управен суд за прегласувањето во Желино

ДИК ќе одлучува по приговорот од Европскиот фронт

Катерина Ѓуровски

Коалицијата „Европски фронт“ доставила приговор до ДИК за прегласувањето во Желино