Федерализацијата е само во главата на Груевски. Кантонизацијата којашто ја споменува не знам од каде му паднала на памет. Веројатно мисли на конфискацијата, конфискацијата ќе ја има после овој грабеж што се случи, вели лидерот на СДСМ Зоран Заев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Господине Заев, вие гледате дека пензионерите, јавната администрација и оние на коишто им е ветена работа во неа се главната гласачка база на ВМРО-ДПМНЕ. Основани ли се стравувањата дека при промена на власта може да има негативни последици за нив.
– Апсолутно не. Мислам дека тоа е веќе апсолвирано прашање, иако ВМРО-ДПМНЕ сè уште се обидува да се заканува, ќе дојде Заев, СДСМ ќе ве брка од работа, ќе нема за пензии и слично. Уште еднаш јавно потенцирам, влакно од главата на никого нема да му фали. Секако, ако некој не си ја врши работата, ако не доаѓа на работа како и секаде, но од политички причини некој да изгуби работно место, тоа никогаш повеќе во Македонија нема да се случи, затоа што видовме ваквите поделби или какви било поделби до каде нè донесоа. Ќе се трудиме да ја зголемиме ефикасноста и ефективноста од самото работење. Рационализација ќе правиме во делот на неопходните потреби, таму каде што недостига. На пример потребни се негувателки во градинките. Ќе ја воведеме втората смена, за да може и тој што работи во администрација да заврши некоја работа поручек. Во рамките на овие мерки и можности ќе се обидеме да ја сочуваме администрацијата, но да биде продуктивна, да дава придонес во БДП-то во Македонија.
Ветувате просечна плата до 30 илјади денари, а минимална прво до 12, а потоа до 2020 година до 16 илјади денари. Од каде пари за ова ако стопанството е изнемоштено како што тврдите?
– Од буџетот. Ние се научивме на еден куп мерки од владата за коишто не кажуваа буџетски импликации. Од буџетот мора да има импликации ако сакате да ја завртите таа турбина. Еднаш ако заврти, понатаму сама ќе предизвикува движење. Ќе го објаснам тоа. Ако државата трансферира 9 илјади денари во една мала фирма за да може да и помогне да ја покачи платата од минимална од 9,5 илјади денари на 14 илјади со тенденција да стане 16 илјади. Тоа ја отвора спиралата на сите плати. Самата зголемена потрошувачка моќ кај граѓаните овозможува кај дуќанчето, наместо да оди со профит од 5 отсто, да оди со 15 отсто. Самото дуќанче веќе има акумулација да даде поголема плата и целото тоа го подигнува целиот праг на нивото на платите до нешто што претставува една аспирација близу до Хрватска. Секако, Хрватска има некои 770 евра просечна плата, но трендот може да биде тој, македонското стопанство тоа го може. Притоа конкурентноста може само да се засили и зголеми без да ја намалиме конкурентната моќ на секоја приватна фирма во Македонија и на домашниот и на меѓународниот пазар, но сум убеден дека резултатите од покачувањето на платите ќе бидат видливи во многу брз период. Еве да кажеме на половина на мандатот веќе ќе се знае, минималната плата ќе достигне 14-15 илјади денари, просечната плата да стигне до некаде 27-28 илјади денари до средината на мандатот. Ветувањата ни се за до крајот на мандатот.
Господине Заев, имате ли впечаток дека практично со отворањето на темата за јазиците им отворивте и кампања на ВМРО-ДПМНЕ?
– Можеби јас сум дал причина, но и да не сум дал причина тие ќе одеа повторно со некоја националистичка реторика и тука воопшто немам дилеми. Добро е тоа што тоа веќе не поминува никаде. Федерализацијата е само во главата на Груевски. Кантонизацијата којашто ја споменува не знам од каде му паднала на памет. Веројатно мисли на конфискацијата, конфискацијата ќе ја има во Македонија, и тоа како после овој грабеж што се случи, но унитарноста на државата се гарантира само со сплотеност, со рамноправност, со еднаквост. Со вакви национализми и поделби, таа се урнисува.
Ве молам прецизно, што ветувате за употреба на јазиците?
– Законот во Македонија е јасен и нашиот Устав е европски и либерален и ги гарантира сите правата на граѓаните, само треба нивна примена. Ниту Устав ќе се менува, ниту има потреба од промена на некои законски решенија. Постојниот Устав и постојниот закон дава можност за практична реализација на потребите на граѓаните од овој аспект. Тие само тоа го бараат. Јас ги кажав примерите со детето со талент по музика. Буквално не може да се запише на основно музичко образование оти нема професор по теорија и солфеж. И Уставот и законот тоа го гарантира, зошто не се спроведува? Бабичката не може да добие нега за трето лице поради тоа што некому не му било ќеф да и одговори на албански јазик во општина во која постои двојазичност. Денеска имаме еклатантни примери. Шуто Оризари има по закон право да зборува на ромски, зашто има повеќе од 20 отсто Роми. Зошто не се применува законот? Покрај македонскиот, зборуваат и на албански јазик.