Министерката за животна средина во француската влада и поранешна сопатничка и мајка на децата на Франсоа Оланд, сака да се види себеси како раководител на Програмата за развој на Обединетите нации, пишуваат повеќе француски медиуми, пренесува дописникот на МИА од Париз.
Шест месеци пред претседателските избори, француската дипломатија се обидува да и најде место на Сеголен Ројал, министерката за екологија, одржлив развој и енергетика, во насока на Програмата за развој (УНДП) на Обединетите нации, дознаваат француските медиуми од извори од ООН.
„Но, ООН не се многу наклонети, вели еден дипломат. Франција придонесува релативно малку во буџетот на УНДП, а покрај тоа, таму веќе се лобира во полза на поранешниот министер за надворешни работи, Филип Дуст-Блази, кој сака да застане на чело на Светската здравствена организација (СЗО) ” .
Местото на администратор на УНДП беше пополнето во 2009 година од страна на Хелен Кларк, поранешниот премиер на Нов Зеланд. Генералниот секретар на ООН го именува шефот на УНДП.
Присутна во 170 земји и територии, УНДП е една од главните мултилатерални агенции за развој и помага за искоренување на сиромаштијата и намалување на нееднаквоста и дискриминацијата. Нејзините активности вклучуваат одржлив развој и унапредување на активното учество на жените.
Повикан од весникот Ле Фигаро, извор од Министерството за надворешни работи на Франција ја потврди информацијата. „Секогаш е добро да се има француски официјални лица кои можат да влијаат за меѓународни прашања во ООН”, вели дипломатот од Министерството за надворешни работи. „Колку повеќе Французи има на раководните позиции на ОН, толку е подобро”, додал дипломатот, истакнувајќи дека пред околу десет години, Франција веќе се обидела да го стави Бернард Кушнер, на чело СЗО, но залудно.
Десет години по нејзиниот пораз во вториот круг од претседателските избори против Никола Саркози, за можноста за евентуална кандидатура на Сеголен Ројал на следните претседателски избори исто така, ќе се дискутира во рамките на Социјалистичката партија на Франција. „Ние сме во потрага за некој да се жртвува, ќе мора ситуацијата да е навистина очајна за да оние кои се бореа против мене сега повторно да ме откријат”, се пошегува неодамна Сеголен Ројал во Журнал ди Диманш.